ЛИНГВИСТИК СИСТЕМС е основана во април 2005 година, како компанија за преведувачки и толкувачки услуги. Во тој момент таа беше давател на услуги на купувачот на „Електростопанство на Македонија“, „ЕВН Австрија“, покривајќи ги потребите на инвеститорот со до 13 толкувачи за еден јазичен пар дневно.
Горди сме што имавме можност да ѝ помогнеме на оваа реномирана компанија при нејзината работа во Македонија со постојан и исклучителен успех, и што му помогнавме на инвеститорот да се концентрира само на своите деловни активности, додека ние ги решававме сите јазични, а повремено и организациски прашања на конференции за печат, кикоф-средби, стручни посети и ги придружувавме техничките тимови низ Македонија, истовремено преведувајќи над 10.000 страници стручна документација и изготвувајќи стручна терминолошка база за електроенергетика. Сето тоа беше ново за повеќето толкувачи, но секој ден ја зголемувавме нашата експертиза на ова поле, за кое искуство сме исклучително благодарни.
Соработката со овој клиент траеше до крајот на 2010 година, кога компанијата успешно се позиционираше на македонскиот пазар и вработи доволно преведувачи и толкувачи.
Исто така, сме даватели на услуги на „НЛБ банка“ АД Скопје како дел од групацијата НЛБ, и тоа речиси една деценија. На овој клиент му даваме услуги за превод и толкување за мноштво јазични комбинации, како и лекторски и уредувачки услуги. Долгорочната соработка ја разбираме како доказ за нашата стручност на полето на банкарството, сметководството и ревизијата. Нашата експертиза на овие полиња исто така ни овозможува и соработка со други банки во Македонија и со ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој).
Од нашето основање успешно соработуваме и со мноштво домашни и меѓународни институции, меѓу кои Министерството за надворешни работи на Република Македонија, Кабинетот на претседателот на Република Македонија, канцелариите на фондацијата „Конрад Аденауер“ во Македонија и Бугарија, како и централата на фондацијата „Конрад Аденауер“ во Берлин, ГТЗ/ГИЗ, Амбасадата на Република Австрија во Македонија, Фондот за популација на Обединетите нации, но исто така и со микро, мали и средни домашни и странски компании, адвокатски и нотарски канцеларии. Нашата толкувачка стручност за комбинацијата германски-англиски и обратно и германски-македонски и обратно беше потврдена и со добиениот меѓународен тендер од белгиската компанија „ИБФ интернешнел консалтинг СА“ во функција на давател на услуги за проекти финансирани од ЕУ.
Покрај нашите главни полиња на стручност во однос на услуги за превод и толкување – политика, бизнис, ЕУ-интеграција, право, банкарство, електротехника и сметководство, со значајно искуство на полето на осигурување и ревизија, станавме и даватели на услуги за австрискиот гигант „Виена иншуранс груп“ од почнувањето на неговата работа на македонскиот пазар (од 2009 година).
Откако мноштвото наши меѓународни клиенти ни ја дадоа својата доверба, некои од нив замолија за наша асистенција и на нивни настани, при планирање делегациски посети, средби, како и при основање свои подружници и фирми ќерки во Македонија, така што, по период на подготвување и тестирање на соработката со најсоодветните партнери, од 2014 година нудиме и пакет услуги за нашите странски клиенти, кои се поврзани со планирање на нивните деловни посети на Македонија, вклучувајќи и надзор на настани и планирање на слободното време на делегатите.
Нашата најнова деловна гранка, која ја започнавме во 2016 година, е посредување при поврат на ДДВ во Македонија и асистенција на странски компании во постапката за поврат на ДДВ за производи набавени во Македонија. До овој момент ниеден клиент не бил одбиен од надлежните национални институции.
Повеќе детали за одредена наша услуга што може да ја побарате ќе најдете на оваа интернет-страница во делот што се однесува на услугата за која се интересирате.
Добредојдени сте да ни испратите барање преку електронска пошта или да нѐ контактирате во нашето работно време.